Заверка / упис на семестар


При запишување на прв (зимски) и втор (летен) семестар, студентите слободно избираат од задолжителните и изборните предмети, кои се  предвидени за овие семестри.

При запишувањето на семестарот (трет, четврти, итн...), студентот најпрвo ги запишува неположените задолжителни и изборни предмети од претходната учебна година (посебно во зимскиот или летниот семестар), а потоа ги запишува задолжителните и изборните предмети од тековниот семестар. Студент кој заклучно со август-септемвриската сесија не положил предмет од зимскиот семестар, односно заклучно со јануарската испитна сесија не положил предмет од летниот семестар, должен е повторно да го запише предметот во соодветниот семестар.

Почнувајки од учебната 2013/2014, студент запишан со партиципација на трошоците за студирање на прв циклус на студии, го губи статусот на студент запишан во државна квота и ги продолжува студиите со поднесување на трошоците за студирање (кофинансирање) ако:

  • еден предмет запишува по трет пат
  • не положил најмалку 50% од запишаните кредити во одреден семестар до почетокот на наредниот соодветен семестар (зимски, односно летен).

Студентот заверува семестар со потписи од предметните професори, со што се потврдува неговото исполнување на предвидените обврски по предметната програма (редовно посетување на наставата и вежбите или друг облик и форма на настава).

Заверката на тековниот и запишувањето нов семестар се врши на почетокот на зимскиот и на летниот семестар, во роковите утврдени со календарот на активностите на Факултетот, во Службата за студентски прашања.