Економски факултет - Скопје, Универзитет „св. Кирил и Методиј“

Научно-истражувачки проекти

листа на поважни проекти

Најзначајна поддршка на реформите во високото образование и јакнење на капацитетите на високообразовните установи за поддршка на општествено-економската трансформација дава Темпус Програмата на Европската Заедница. Таа поддржува интензивна соработка помеѓу високообразовните установи од нашата земја, земјите членки на Европската Унија, земјите кандидати и земјите од КАРДС регионот.

Почетоците на соработката датираат од првата фаза на Програмата, позната како Темпус I што траеше од 1990 до 1994 година. Македонските институции за високо образование беа вклучени во 3 Темпус проекти.

Поради распаѓањето на Југославија, беше суспендирана ФАРЕ Програмата, а со тоа и Темпус Поддршката. Програмата беше обновена во 1996 година. Се фромира Национална комисија за соработка со Темпус Програмата и започна со работа Националната Темпус канцеларија. Тогаш Темпус беше во втората фаза, што траеше до 1998 година, по која продолжи како Темпус II бис до 2000-та година.

Третата фаза на Програмата, позната како Темпус III (2002-2006 година), се финансира од КАРДС Програмата.

Институционална соработка

Во рамките на Темпус Програмата, институционалната соработка се одвива/ше во рамките на:

  • 68 заеднички европски проекти
  • 5 структурни и комплементарни мерки, и
  • 10 компакт мерки.

Вкупно 298 стипендии за индивидуална мобилност во земји членки на Унијата, земји од Централна и Источна Европа и за индивидуални престои на институции за високо образование од Република Македонија се финансирани во изминатиот период. Досегашната финансиска поддршка од Европската Комисија во рамките на Темпус програмата изнесува 20,7 милиони евра.

Видови на проекти

Најзначајната соработка се одвива во рамките на заедничките европски проекти во траење од 2 или 3 години. Ги реализираат конзорциуми со доминантно учество на високообразовни установи. Проектите се во согласност со приоритети, заеднички усогласени помеѓу Европската Комисија и партнерските земји. Финансирани се следните видови заеднички европски проекти:

  • Развој на студиски програми
  • Универзитетски менаџмент
  • Курсеви за обука за институционално зајакнување
  • Мрежни проекти.

Академските проекти се наменети за унапредување на постојните и развој на нови студиски програми во согласност со Болоњскиот процес и општествено-економските потреби на земјата.

Проектите за универзитетски менаџмент се фокусираат на институционалните реформи и на менџментот на универзитетите, со цел да овозможат нивно квалитетно вклучување во европскиот простор на високото образование.

Проектите за изградба на институции, наменети за јакнење на демократијата и владеење на правото, го поддржуваат развојот на најзначајните неакадемски сектори во општеството.

Мрежните проекти промовираа соработка по пат на синергија и дисеминација на резултати од успешни проекти. Значајна е нивната улога за развој на регионалната соработка.

Структурните и комплементарните мерки се нов тип краткотрајни (најмногу до година дена) Темпус проекти, воведени во 2003 година. Тие поддржуваат специфични области од националните реформи, согласно приоритетите заеднички утврдени од Европската Комисија и партнерските земји. Структурните мерки поддржуваат развој, прибирање и унапредување на знаења, вештини и инструменти потребни за структурни реформи во областа на високото образование на национално ниво. Тие го поддржуваат нивното планирање, подготовка и имплементација. Комплементарните мерки се наменети за дисеминација и трансфер на искства од добра пракса.

Компакт мерките беа проекти од типот на студии за изводливост, или проекти за дисеминација на резултати од успешни Темпус проекти. Ваков вид проекти беа финансирани до 1998 година.

Стипендиите за индивидуална мобилност поддржуваат мобилност на наставници, асистенти, студенти, администратори, експерти од областа на образованието и лица од министерствата. Можна е мобилност Исток-Запад и Запад-Исток. Стипендии се доделуваат за:

  • Подготовка на апликации за заеднички европски проекти
  • Учество на специфични настани поврзани со високото образование во земјите на Европската Унија или земјите кандидати
  • Престои за усовршување и обновување на знаења, соработка и дисеминација на искуства од добра пракса во областа на високото образование.

Во целиот овој период, интересот на високообразовните установи од Република Македонија за учество во Темпус Проектите е голем. Секоја година, а особено од 2000-та година, бројот на доставените предлог-проекти значително ги надминува можностите за финансирање. Тоа создава амбиент на конкуренција, што овозможува да се изберат за финансирање само квалитетни апликации.

Идна соработка

Темпус соработка во наредниот период ќе продолжи со поддршка на националната политика од областа на високото образование, реформите на содржните, образовните методологии и структурата на високообразовните установи во согласност со Болоњскиот процес.

Исто така, Темпус ќе поддржува развој на капацитетит и воспоставување структура за континуирано образование и обука, наменети за јакнење на јавната администрација и развој на граѓанското општество.

горе