Happy man

Интелегенција

Дали стануваме попаметни?

Резултатите од тестовите за интелегенција, исто како и многу биолошки и психолошки карактеристики, имаат нормален распоред, кој формира нормална крива, или крива во облик на ѕвоно, кога истата ќе се прикаже на графикон. Кај нормалниот распоред, најголемиот дел од вредностите се наоѓаат блиску до средината (просекот), додека само мал број на вредности се наоѓаат оддалечени од средината. И покрај тоа што суровите податоци од тестови не сосема се поклопуваат со нормалниот распоред, изведувачите на тестовите ги изведуваат резултатите за коефициентите на интелегенција со помош на формула со што тие формираат нормален распоред. Нормалниот распоред е дефиниран со средината и стандардната девијација (мерка за дисперзираноста на резултатите окулу средината). Вообичаено е средината на тестовите на интелегенција арбитрарно да се постави на 100 со стандардна девијација 15.

Број на изведени тестови
Резултати прикажани на Wechsler скалата на интелегенција

 

Бидејќи коефициентите на интелегенција се дистрибуирани нормално, фиксен процент од резултатите ги преставува резултатите помеѓу вредноста на средината и вредноста на стандардната девијација. На пример, при вообичаен распоред на коефициентите на интелегенција, со средина 100 и стандардна девијација, 15, 34% резултатите се наоѓаат во интервал од 100-115. Бидејќи нормалната крива е симетрична, тоа значи дека и 34% од резултатите ќе се најдат во интервал од 85-100, што всушност претставува една стандардна девијација одалечена на лево од средината. За да се интерпретира резултатот на било кој тест, неопходно е да се знае средината и стандардната девијација на тестот. Ако ни е позната стандардната девијација и примерокот користен за тестот, резултатите можат да се интерпретираат за целата популација. На пример, ако едно лице има коефициент на интелегенција 115, тогаш приближно 16% од популацијата ќе има повисок коефициент и 84% од популацијата ќе има помал коефициент.

Кога се ревидира тестот на интелегенција, тој се рестандардизира со нов примерок. Распоредот на суровите податоци во примерокот од популацијата го одредува коефициентот кој ќе се назначи на суровите податоци на останатите лица кои ќе го решаваат тестот. Со анализирање на резултатите низ годините за различни примероци при исти тестови, истражувачите откриле дека со време резултатите се подобруваат. Овој феномен, набљудуван во индустриските земји во светот, е познат како Flynn ефект, кој името го добил по истражувачот кој го открил, филозофот James Flynn од Нов Зеланд. Резултатите на некои од тестовите драматично се подобриле. На пример, резултатите од Прогресивните матрици на Raven, широко користен тест, се зголемиле за 15 поени за период од 50 години. Со други зборови, репрезентативен примерок од популацијата кој го решавал тестот во 1992 година, имал просечен резултат за 15 поени поголем од тестот кој репрезентативен примерок го извршил во 1942 година. Изгледа дека луѓето стануваат попаметни. Како и да е, промените се јавуваат само кај некои од тестовите. Тестовите за визуелно – просторно резонирење, исто како и тестот на Raven, покажуваат најголеми промени, додека кај вербалните тестови не се забележува речиси никаква промена. Некои психолози сметаат дека луѓето всушност не стануваат попаметни, туку едноставно подобро го решават тестот. Други сметаат дека дека подобрувањето на резултатите се должи на подобрата исхрана, подоброто образование, или дури и ефектите кои ги има телевизијата и видео игрите на визуелно – просторното резонирање.