Економски факултет - Скопје, Универзитет „св. Кирил и Методиј“

Општи информации

Статус на студент
Редовни и вонредни студии
Права и обврски на студентите
Промена на статусот на студент (мирување, испишување, престанок)

Условите за студирање според кои студент, кој го следи ЕКТС, може да се регистрира за да следи настава од наредната година или наредниот семестар и да полага испити се регулирани со Статутот на Факултетот и Универзитетскиот правилник за единствените правила за студирање.

Статус на студент

Статусот на студент кој истовремено овозможува стекнување на статус член на академска заедница се стекнува со запишување на додипломски, последипломски и докторски студии на Факултетот. Статусот на студент се стекнува со запишување на студентот на Факултетот на претходно објавен конкурс од страна на Универзитетот.

Статусот на студентот се докажува со индекс или студентска легитимација.

Редовни и вонредни студии

Додипломските студии се организираат како редовни студии.

На факултетот можат да се организираат и студии за вонредни студенти. На вонредни студии може да се запише лице кое ги исполнува условите за запишување на редовен студент и има засновано работен однос на неопределено работно време, како и лице кое од оправдани причини не е во можност да се запише како редовен студент.

Причините за запишување на вонреден студент се определени со Статутот на Факултетот.

Правото на вонредно студирање се остварува додека се исполнети условите предвидени со Статутот, што се докажува со соодветен доказ или исправа од надлежен орган.

Преминувањето од редовен во вонреден студент и обратно се врши по правило на почетокот на учебната година, односно семестарот, од 25 Септември до 5 Октомври и од 1 до 5 Фебруари тековната учебна година.

Права и обврски на студентите

Студентот има право на:

  • редовно студирање и статус на редовен студент и право на вонредно студирање и статус на вонреден студент;
  • запишување и образование под еднакви услови утврдени со закон, статут и студиска програма;
  • учество во управувањето со Факултетот;
  • заштита на своите права и должности пред органите на високообразовната установа
  • ги користи библиотеката и базите на податоци, просторот и опремата (учебните помагала), софтверот и друга научна и стручна инфраструктура на високообразовната установа;
  • избира и да биде избран како претставник на студентите во органите на факултетот;
  • остварува соработка со студентите во земјата или странство;
  • остварува и други права согласно со закон и со статутот на високообразовната установа.

Правата на студентите ги штити студентскиот правобранител чија организација, надлежност и начин и услови за работа се определени со акти на Универзитетот.

Студентите имаат право и обврска да учествуваат во остварувањето на студиските и предметните програми, да ги користат формите и средствата со кои тие се остваруваат и да придонесуваат за угледот на Факултетот.
Студентите се должни да ги почитуваат правата и обврските утврдени со општите и поединечните акти на Факултетот како и да исполнуваат други обврски како студенти.

Студентите имаат право и должност да ги посетуваат предавањата, семинарите, вежбите како и да учестуваваат во другите форми во изведувањето на наставата и да ги полагаат испитите.

Наставно-научниот совет на Факултетот може со посебна одлука да утврди и други права и обврски со цел поефикасно обавување на работата на Факултетот.

Студентите, докторантите и специјализантите без родители, слепи, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до 6 годишна возраст и хоспитализираните лица имаат право на посебни погодности кои се утврдуваат со одлука на Наставно-научниот совет.

Промена на статусот на студент

Мирување

На студент запишан на додипломски студии, статусот на студент, може да му мирува во случаите определени со Правилникот на Универзитетот и Статутот на Факултетот.

За мирување на статусот деканот донесува посебно решение во секој конкретен случај.

Статусот на студентот му мируваат најмногу до една година.

На студентот на кој му мирувале правата и обврските му се продолжува статусот на студент за онолку време за колку му мирувале правата и обврските.

Испишување

Секој студент, на свое барање, може да се испише од Факултетот при што му се издава посебен документ- исписница во која се внесуваат запишаните семестри и положените испити.

Испишувањето се евидентира во индексот на студентот.

Со испишувањето студентот го губи статусот на студент, односно член на академската заедница.

Престанок

На студентот му престанува статусот на студент на Факултетот и доколку:

  • не ги заврши студиите во рокот утврден со закон и Статутот на Факултетот;
  • не го исполни условот според кредит - системот и не ја запише годината, односно семестарот во роковите утврдени со Статутот;
  • се испише од Факултетот;
  • е исклучен од Факултетот.

Решение за престанување на статусот донесува Деканот на Факултетот или од него овластено лице (продекан, секретар и др.).

Статусот на студент може да биде обновен според постапка утврдена со Статутот на Факултетот и Правилникот на Универзитетот. Трошоците за обновување на статусот ги поднесува студентот.

горе